Категории

Немаме ни стомачни ама убаво ни е…

Сонце. Море. Плажа. И јас и ти фатени за рака. Небото личи на тазе шеќерна волна. Јас во бел фустан. Онаков лелеав. Ме гушкаш. Радост ми е.

Си преткаме во плиткото, а брановите не прскаат. Мириса на среќа. Мириса и на блекап. Те гледам и не знам што е поубаво на тебе. Имам сол во косата. Осветлена од сонцето со златни прамени и локни. Многу локни.

Исполнетост ми доаѓа одвнатре. Насмеан си. И тоа ме радува. Убаво ти е. Убаво ни е. Сонцето културно гали и не е претопло. Облечен во бело си и ти. Тонски и среќни двајцата. Мириса на возбуда. Воздишки и насмевки. Еден куп. И не можам да ја дефинирам бојата на водата. Ама преубава е. Јас и ти фатени за рака. Полетни. Љубов ни е.

Омилената песна се слуша во позадина. И пеам на глас. Не ми е гајле за ништо. Лето ми е. А ти си до мене. Како дете се радувам. Некаква магија ме обзема. И се е некако бајковито. Бацка. И уште една. И уште една после неа. Шарени пешкири и апостолки расфрлани низ песокот. Рајски. Ведри лица и коктели насекаде. Јас и ти фатени за рака. И светот е наш. Имам цвет во косата.

Времето како да застанало. Очите ти имаат посебен сјај. Ме гушкаш. Се прави пена од брановите. Спокојство ми ја обзема душата. А стомакот ми трепери на секоја твоја насмевка. И како да имам крилја и можам да летам.

Шеширот ми е обесен на рачката од точакот. Нежно дува ветре и ме бушави. И двајцата имаме чоколаден тен.

Немаме никакви грижи. Немаме ни стомачни. Ама убаво ни е. Ме погледнуваш онака фраерски, а сепак толку топло и длабоко. Животот е прекрасен.

Ми доаѓа да викнам. Јас и ти фатени за рака.

ГАБРИЕЛА З.

Прегледи:
488
Објавено на:
06.08.2016